Заштита на животна средина

Енергетиката и заштитата на животната средина претставуваат два меѓусебно поврзани сегменти кои влијаат на квалитетот на животот и животната средина. Воведувањето на енергетската ефикасност и поголемото искористување на обновливите извори на енергија придонесува кон остварување на позитивни финансиски ефекти и зачувување на животната средина. Раководејќи се од нашата трајна определба за ублажување на ефектите од работењето врз животната средина, секогаш се трудиме да бидеме поефикасни и да обезбедиме постојано подобрување во областите: заштита на биодиверзитет, употребата на вода и енергија, управување со отпад, управување со опрема која содржи полихлорирани бифенили (ПХБ), управување со отпадна електрична и електронска опрема, заштита на почва, вода и подземни води, намалување на емисиите на гасови во воздухот. Посветеностa за заштита на животната средина како етичка вредност подразбира одговорно работење и преземање на сите чекори и мерки кои значат заштита на животната средина и одржливиот развој.

Заштитата на животната средина е клучот за нашиот одржлив бизнис-модел.

Со сите наши активности што ги спроведуваме во континуитет во овие области се стремиме да бидеме препознаени како една од водечките компании во поглед на одржливоста и грижата за животната средина.

Заштита на биодиверзитет

ЕВН како општествено одговорна компанија е свесна за вредноста на екосистемите и биолошката разновидност и традиционално е вклучена во управување со природните ресурси. Се работи континуирано на зачувувањето и заштитата на биодиверзитетот со што во изминатиот период одбележани се низа достигнувања на ова поле.Покрај продолжување на активностите за заштита на штрковите со поставување на платформи за штркови на дистрибутивната мрежа, континуирано во соработка со невладини организации и приватни компании учествваме во проекти за заштита на други загрозени видови птици (Царски орел, Египетски мршојадец, степската ветрушка, модроврана и други).

Преку мониторинг, индентификување и поставување на изолатори за заштита од електрокуција на потенцијално опасни сегменти од нисконапонската и среднонапонската мрежа се намалува смртноста на птиците. Заштитата на загрозениот вид на „Царски орел“ кој во последно време покажува загрижувачки висок степен на морталитет, е главната причина за поддржување на оваа иницијатива.

Во тек е и проект за заштита на реткиот вид на птици модроврани, со поставување на дрвени куќарки на неколку среднонапонски и нисконапонски далекуводи.

Овие чекори ќе помогнат да се надминат основните причини за загуба на биолошката разновидност или евентуалните промени во гнездечките територии на птиците.

Заштита на птици

Пријавете опасност за птици и птичји гнезда на 02-3205-000

Управување со отпад

Како дел од интегрираниот систем и националната стратегија за управување со отпад, ги спроведуваме целите на современа практика на управување со отпад и заштита на животната средина како и примена на законодавната и регулаторната моќ.

Намалувањето, повторната употреба и рециклирањето на отпадните материјали се клучни елементи во правилното постапување со отпад и ефектите врз животната средина. Свесноста за  одговорностите, должностите и задачите на секој поединец е основата за ефикасно управување со отпадот.  

Во процесот на дистрибуција на електрична енергија не се создава отпад. Тој може да се создаде од активности поврзани со одржување, реконструкции или пакување. Следејќи ги најдобрите практики за управување со отпад, тој најнапред се селектира на местото на создавање, соодветно се собира и се складира на привремени локации.
Понатаму, отпадот се превзема од надворешни лиценцирани компании.

Со цел намалување на создавање на отпад од пакување (пластика), ЕВН инсталира филтри за вода. Современиот систем за прочистување на вода со 7 филтри ги прочистуваат и најситните нечистотии од водата. Вработените користат шишиња за вода за повеќекратна употреба со што се намалува употребата на ПЕТ шишиња за еднократна употреба.

Управување со опрема која содржи полихлорирани бифенили (ПХБ)

За да се елиминираат сите евентуални последици од контаминација со полихлорирани бифенили (ПХБ), ЕВН Македонија во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и  Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи ПОПс реализираа проект за идентификација, елиминација, остранување и соодветно складирање на трансформатори, буриња со трафо масло, прекинувачи што содржат ПХБ, како и деконтамининирање на опрема со ПХБ.

ЕВН е првата компанија во земјата која во целост ги спроведе планираните активности за реализација на целокупниот процес во управувањето со опремата која содржи ПХБ.

За да не дојде до неконтролирано и нестручно складирање на опасниот отпад со ПХБ превземени се мерки, односно изградено е привремено складиште за складирање на трансформатори и буриња со масло со ПХБ според  барањата за привремено складирање.

Третманот на опремата со ПХБ се извршува во постројка за деконтаминација на опрема со ПХБ и на тој начин се овозможува соодветен еколошки третман на отпадното трансформаторско масло и електричната опрема контаминирана со ПХБ.

Управување со отпадна електрична и електронска опрема

За нас како компанијата од големо значење е подигнување на еколошката свест за електронскиот и електричниот отпад, значењето на неговото правилно третирање и придобивките од рециклирање на електрични и електронски уреди. Затоа спроведуваме различни еколошки акции како собирање на отпадна електронска и електрична опрема и отпадни батерии и акумулатори. Со оваа акција вработените можеа да се ослободат од старите електрични и електронски уреди кои ги поседува во домот на правилен начин, без да се загрози животната средина. 

Министерството за економија и координативното тело за Општествена одговорност на претпријатијата на ЕВН АД Скопје и доделија “Признание” за успешно спроведена општествено одговорна практика за проектот ,,Да ја заштитиме природата од опасниот отпад” во категоријата однос кон животната средина кај големи претпријатија.

Заштита на почва, вода и подземни води

Со редовни контроли на изворите на емисија врз животната средина ги следиме емисиите и нивното влијание врз животната средина.

Преку акредитирана лабораторија се врши анализа на примероци на вода, почвата и воздух. Поради зачувување на функциите на почвата и подземните води поставуваме секундарни контејнери/кадички за складирање на опрема од која има емисија на масло, нафта и нафтени деривати. Во случај на испуштање на мали количества материи опасни за вода, почва и подземни води, површината ја третираме со универзално апсорбционо сврзувачко средство. Цврстите површини кои имаат наслаги од масти и масла, нафта, нафтени деривати и други течности ги третираме со средство за одмастување.

Емисии во воздухот

За активностите што би можеле да имаат влијание врз квалитетот на амбиентниот воздух, ЕВН се однесува внимателно и одговорно за да се избегне и спречи загадувањето на амбиентниот воздух и штетните ефекти врз човековото здравје и животната средина во целина. Благодарение на интензивните и континуирани вложувања, за објектите кои користеа мазут како енергенс и котлари за греење воведовме систем за греење и ладење кој работи на принцип воздух-вода-воздух. Сите компоненти на системот се на струја и нема емисии на гасови од истите.