Во период на енергетска криза, која директно влијае врз потрошувачката и цените на електрична енергија, ЕВН како општествено одговорна компанија која се грижи за корисниците, продолжува со едукативните активности за подигнување на свеста за енергетска ефикасност.
Во таа насока, започна нова едукативна кампања „Енергијата вреди, треба да се штеди“ која има за цел да ги информира и едуцира корисниците околу начините за рационализирање на потрошувачката на електрична енергија, како и за намалување на трошоците во домаќинствата и поголема примена на енергетската ефикасност во време на криза.
Преку кампањата корисниците можеа да се едуцираат на можноста како да се направи и спроведе план за заштеда на енергија во домот. Планот подразбира анализа на потрошувачката на уредите, развој на комбинација од мерки како замена на уредите кои најмногу трошат со поефикасни или промена на однесувањето и следење на штедењето преку сметката за електрична енергија или паметни уреди. Корисниците преку кампањата се информираа и за новиот тарифен систем, како нов модел на пазарот, чија цел е поттикнување на енергетска ефикасност и рационално користење на електричната енергија.
Видеата се емитувани на сите национални и локални телевизии во земјата, но и на социјалните медиуми и Јутјуб. Едукативната кампања „Енергијата вреди, треба да се штеди“ беше присутна и во печатените медиуми, на радијата и на информативните портали. Изработена е и веб страница која ги интегрира сите мултимедијални содржини, алатки и информации споделени во рамки на кампањата.
Компанијата уште во 2012 година ја започна Платформата за енергетска ефикасност и во континуитет спроведува едукативни активности преку практични примери за корисниците во насока на подигнување на свесноста за начините на заштеда на електрична енергија. Во интерес на корисниците, ЕВН ќе продолжи со овие активности и во иднина.