Овозможена силна поддршка за производителите на обновлива енергија во штипскиот регион
Со инвестицијата вредна 2 милиони евра целосно е реконструирана високонапонската трафостаница Штип 1 (ТС 110/35/10 kV) и успешно е пуштена во употреба во електродистрибутивната мрежа. Со ова, покрај зголемување на сигурноста на снабдувањето со електрична енергија, овозможено е и приклучување на нови потрошувачи и производители на обновлива енергија во штипскиот регион.
Забрзаната динамика на изградба на производствени капацитети од обновливи извори на енергија во околината на Штип е една од главните причини за оваа обемна инвестиција во електродистрибутивната мрежа. Наша цел е да овозможиме сигурно и стабилно снабдување со електрична енергија на корисниците, но и да го поддржиме и поттикнеме локалниот економски развој и производството на зелена енергија“ изјави Сашо Салтировски, извршен менаџер на Електродистрибуција.
Инвестиционата активност на Електродистрибуција е во план да се интензивира во текот на 2024 година и да достигне 74 милиони евра. Секогаш имајќи ги предвид потребите на корисниците, планирани се низа проекти за зголемување на квалитетот на напојувањето, но и дигитализација на услугите и модернизација на електродистрибутивната мрежа“ изјави Матијас Шаибелрајтер, извршен менаџер на Електродистрибуција.
Надградбата на трафостаницата Штип 1 подразбираше реконструкција на постојната 10(20) kV постројка со проширување и ставање во функција на нови 10(20) kV ќелии со нова примарна и секундарна опрема, релејна заштита и далечинско управување на истите, реконструкција на 35 kV трафо ќелии и дел од 35 kV изводни ќелии и замена на постојните со нови примарни врски до енергетските трансформатори. Заменет е и едниот трансформатор со нов при што е инсталирана и нова релејна заштита за енергетските трансформатори 110/35/10 kV ЕТР1 и ЕТР 2 со автоматска регулација на напон и активирање на терцијалната намотка и на вториот енергетски трансформатор.