evnmk.navigation.logo.text

evnmk.navigation.logo.text
Shqip  |  English  |  Контакт  |  EVN AG




Отворена новата пречистителна станица за третман на отпадни води во Струмица

18.12.2017


Општина Струмица доби нова Пречистителна станица за третман на отпадни води, со што трајно се решава проблемот со отпадните води во општината и се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина. Инсталираните капацитети во Прочистителната станица која е сместена во селото Сачево, го опфаќаат градот Струмица со 53.419 жители и 12 населени места, со дневен капацитет на отпадни води од 9.458 m3.
На означување на стартот на работата на станицата за третман на отпадни води, претседателот на Владата, Зоран Заев, истакна дека имплементирањето на нови технологии кои истовремено ќе овозможат заштита на животната средина и правилно искористување на ресурсите се основа за долгорочен економски развој и на локално и на национално ниво. Во овој процес значајно е да се применуваат искуствата од ЕУ и нејзината поддршка во вакви проекти е од огромно значење за нас и јасно ја покажува нивната посветеност и желба за партнерство, додаде Заев.
Пречистителната станица за отпадни води е финансирана преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), од делот за регионален развој – компонента три. На отворањето се обрати и Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар.
„Овој проект е дел од проектите финансирани од ЕУ за модернизација на водната инфраструктура согласно стандардите на ЕУ. Во блиска иднина ќе бидат изградени дополнителни станици за пречистување на отпадните води, но паралелно со инвестициите во инфраструктурата, ЕУ исто така работи заедно со државата на реформи во секторот води, со цел да се обезбедат одржливи услуги за водоснабдување на сите граѓани“, истакна г. Жбогар.
Изградбата на Пречистителната станица за отпадни води во Струмица ја реализираше компанијата WTE членка на ЕВН Групацијата. WTE е водечка компанија за снабдување со вода и третман на отпадни води на пазарот во ЕУ.
„Водата е еден од најважните ресурси на 21 век. Токму затоа начинот на кој го користиме овој ресурс станува многу важно прашање. Ние сме навистина горди што сме во овој сегмент лидери во Европа, а дополнително нé радува што преку овој проект имавме можност нашето знаење и искуство да го понудиме и во земјава“, истакна Франц Митермаер, член на Управниот одбор на ЕВН Групацијата.
WTE е присутна со своите проекти од оваа област во 18 европски земји.
Пречистителната станица за отпадни води во Струмица е реализирана во соработка со Секторот за ЕУ при Министерството за животна средина и просторно планирање и Секторот за централно финансирање и склучување на договори при Министерството за финансии. На настанот своите активности во реализацијата на овој проект ги претставија и министерот за финансии Драган Тевдовски, изразувајќи благодарност за искажанта доверба од Делегацијата на ЕУ за управувањето со програми финансирани од ЕУ. Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки ја потенцираше важноста на третманот на отпадните води за заштита на животната средина.
> назад