evnmk.navigation.logo.text

evnmk.navigation.logo.text
Shqip  |  English  |  Контакт  |  EVN AG




Стипендии од ЕВН Македонија, МЕПСО и ЕЛЕМ за студентите на енергетските насоки од ФЕИТ

04.07.2012




Енергетските компании доделија стипендии за дванаесет студенти од прва година на електроенергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Во периодот од 10 месеци студентите ќе добиваат стипендиите во висина од 6 000 денари, обезбедена од ЕВН Македонија, МЕПСО и ЕЛЕМ.

Претставниците на енергетските компании денеска врачија по четири стипендии за најдобрите студенти од ФЕИТ кои ќе бидат стипендирани и до крајот на студиите ако ја задржат минималната просечна оценка од 7,5. Покрај тоа, ќе имаат и можност да се вработат во некоја од овие компании по дипломирањето.

Деканот на ФЕИТ Миле Станковски рече дека од пред две години, кога факултетот ја договорил соработката за стипендирање, значително се зголемува бројот на запишани студенти на насоките за енергетика, за кои претходно интересот бил многу слаб. Да се мотивираат матурантите да студираат енергетика било и повод за договорот со трите компании, што резултирало со 75 запишани во 2011/2012 наспроти 25 во претходната студиска година. На ФЕИТ има седум студиски програми, од кои три се од областа на енергетиката.

- Со ова компаниите си ја обезбедуваат својата иднина со квалитетен кадар, во чие профилирање може да имаат директно влијание преку учество во селекција на изборните предмети и изведувањето пракса, студентски проекти, дипломски работи, а идните инженери ќе имаат можност за професионална кариера токму во овие компании, истакна Станковски.

Иницијативата ја поздрави министерот за образование и наука Панче Кралев кој рече дека компаниите што ја помагаат едукацијата на студентите се општествено одговорни.

- Ова одразува два правца за кои Министерството за образование и наука континуирано се залага - комуникација и соработка меѓу приватниот сектор и универзитетите и поддршка за техничките факултети кои генерираат кадар што сега е дефицитарен на пазарот на трудот, рече Кралев.

Претставниците на енергетските компании посочија дека корист од оваа иницијатива имаат и студентите и компаниите. Членот на управниот одбор на ЕВН Македонија м-р Игор Гиевски рече дека младите, напредни и талентирани студенти треба да се подржат. Секој пат почнува со првиот чекор , а завршува со остварување на сонот врабортување. На овој пат студентите ја имаат подршката од ЕВН Македонија која прва почна со доделеувањето на стипендиите и компанијата е многу задоволна што е дел од причината да се зголеми интересот за студирање на енергетските насоки на ФЕИТ.

Студентите од ФЕИТ ќе посетуваат и практична работа, еден до три месеци во летниот период или еден ден во неделата за време на учебната година во повеќе компании со кои факултетот воспоставил соработка.
> назад