evnmk.navigation.logo.text

evnmk.navigation.logo.text
Shqip  |  English  |  Контакт  |  EVN AG




Меморандум за соработка меѓу ЕВН и Министерство за образование

15.05.2019


Скопје, 15.05.2019: ЕВН и Министерството за образование и наука потпишаа меморандум за соработка за зголемување на вклученоста на приватниот сектор во промовирањето на средното стручно образование и во унапредување на квалитетот на учењето преку работа. Со ова ќе се создадат услови за одржливо вработување и самовработување на мажи и жени, кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд.
Целта на оваа соработка е да се зголемат знаењата и вештините кај младите преку унапредување на квалитетот на средното стручно образование и да се афирмираат придобивките од вклучување на приватниот сектор во образовниот процес. Со ова ќе се надмине јазот меѓу потребите на бизнис секторот и образовниот процес во земјава.

„Ова е плод на заедничката соработка меѓу ЕВН, владата и Министерството за образование“, посочи г-дин Штефан Петер претседател на управниот одбор на ЕВН. Тој упати апел до родителите да размислат за иднината на своите деца и да ги поддржат во одлуката да стекнат применливо образование за подобра иднина. „ Ако имаат афинитети и се дообразуваат ќе имаат можност да стигнат далеку, дури до високи раководни функции“, додаде г-дин Петер.

Министерот за образование и наука г-дин Арбер Адеми изрази голема благодарност до ЕВН за подадената рака во спроведувањето на дуалното образование и поддршката на младите. Како следен конкретен проект на ЕВН што е дел од оваа соработка е отворањето на ЕВН паралелка во ОСТУ „ Гостивар“ во Гостивар, најави министерот Адеми.

Учениците ќе учат во насоките електричари и електромонтери за електроенергетски мрежи, ќе посетуваат практикантска работа и по завршувањето на средното стручно образование во зависност од успехот ќе добија и понуди за работа во ЕВН. Ова е втора паралелка на ЕВН од ваков тип. Првата генерација електричари и електромонтери од СЕТУ „ Михајло Пупин“ од Скопје веднаш по завршувањето на образованието во 2020 година ќе имаат можност стекнатите знаења и вештини да ги применат на работните места во ЕВН.
> назад