evnmk.navigation.logo.text

evnmk.navigation.logo.text
Shqip  |  English  |  Контакт  |  EVN AG




„Размисли и заштеди“ електрична енергија

15.10.2012


Со пораката „Размисли и заштеди“ Министерството за економија и ЕВН Македонија почнуваат заедничка Платформа за енергетска ефикасност. Целта на оваа платформа е преку конкретни активности да се подигне свеста за потребата од промената на навиките во насока на рационално искористување на енергијата. Исто така, во рамките на платформата посебен фокус ќе биде ставен на поголема примена на енергетската ефикасност во малите и средните претпријатија.
„Поголема примена на енергетска ефикасност е врвен приоритет на Министерството за економија. Како институција која е надлежна за развој на оваа проблематика, ние покрај носењето на регулативи кои ќе овозможат соодветен развој, преземаме и конкретни активности како што е Платформата која денес ја презентираме. Праксата покажува дека преку примена на овој концепт се заштедува и до 30% електрична енергија на годишно ниво. Тоа значи заштеди, но и можност за поголема конкурентност на компаниите. Веќе само овој аспект е доволна причина за вклучување на сите заинтересирани страни во оваа Платформа, во насока на создавање на широк фронт за енергетска ефикасност“, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини.
Во рамките на Платформата за енергетска ефикасност која ќе трае подолг временски период ќе има активности за едукација на граѓаните преку специјална едукативна емисија „Енергетска азбука“, која ќе се емитува на македонски и на албански јазик. Во неа ќе се опфатат повеќе теми од сегментот на електричната енергија и енергетската ефикасност. Исто така, во рамките на Платформата ќе се одржат работилници на тема енергетска ефикасност за медиумите, малите и средните претпријатија и студентите, а ќе ги одржуваат стручни лица од Министерството за економија, ЕВН Македонија и независни експерти од оваа област. Работилниците ќе имаат едукативен карактер, но и практични совети за малите и средните претпријатија во насока на поголема примена на принципот на енергетска ефикасност во деловните процеси. Исто така, предвидено е и одржување на трибини на кои меѓу другото ќе се дискутира за начините за финансирање на проекти за енергетска ефикасност и достапноста до капитал.
ЕВН Македонија и досега работеше на популаризација на енергетската ефикасност и зголемување на нејзината примена преку неколку проекти што се одвиваа на краток и долг рок.
„ЕВН Македонија се залага за рационално трошење на енергијата, односно потрошувачката да кореспондира со можноста за нејзино плаќање од страна на потрошувачите. Тоа е и причината зошто се вклучивме во оваа Платформа, бидејќи наша цел е правилно разбирање и примена на енергетската ефикасност во секојдневното живеење односно – Да живееме и работиме со ист квалитет, но со помалку потрошена енергија“, изјави Вернер Хенгст, Председател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.
Македонија има обврска за поголема примена на енергетската ефикасност како потписник на Атинскиот меморандум, со кој се предвидуваат заштеди на енергија од најмалку 9% до 2018 година или околу 1710 GWh, односно 1% годишно ниво. Министерството за економија изготви и Стратегија за унапредување на енергетската ефикасност во Република Македонија до 2020 и Акционен план за енергетска ефикасност, со што треба да се обезбеди поголема примена на овој концепт.